Охрид, 25. март 2025 (ИНПРЕС) – Во текот на минатата година од охридските високообразовни установи излегле вкупно 15 магистри.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на Факултетот за туризам и угостителство, како членка на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, со звање магистер се здобиле 11 кандидати, сите за областа патување, туризам и слободни активности. Од нив еден е на возраст до 29 години, тројца на возраст од 30-34, двајца 35-39 и пет над 40 години.
Од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ излегле 4 магистри. Од нив еден за дизајн и администрација на бази на податоци и мрежи, а тројца за развој и анализа на софтвер и апликации. Двајца се на возраст до 29 години и двајца на возраст 30-34 години.
Од вкупниот број магистри, според половата структура осум се од женски пол.
На државно ниво во 2024 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.846 лица, од кои 1.550 се магистри. Најголем број од магистерските трудови, 644 се од областа на бизнисот, администрацијата и правото.
Најголем број магистратури биле одбранети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, таму лани магистрирале 623 лица.
Од Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола во 2024 година излегле 63 магистри, од нив најголем дел, 14, од Правниот факултет во Кичево.
Статистиката покажува дека од 1.550 нови магистри, за 720 непознато е каде работат, 183 се невработени, а 109 се странски државјани. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива