Скопје, 27. мај 2025 (ИНПРЕС) – Стојанче Ангелов, поранешен директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), од денеска, 27-ми мај е именуван за в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Оваа промена, според објавата на Ангелов е резултат на претходен договор со премиерот Христијан Мицкоски.
Ангелов наведеува дека Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите.
– Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност. Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување. Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин.Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана, напиша Ангелов.

Во просториите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се одржа официјалната церемонија на примопредавање на должноста директор. Новоименуваниот директор, Мухамет Али, изрази благодарност за укажаната доверба и ја нагласи својата заложба за ефективно и ефикасно справување со кризните состојби. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
