Охрид, 13. јуни 2025 (ИНПРЕС) – Јубилејот, 10 години Меѓународен аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“ ќе биде одбележан утревечер со изведба на интернационалната театарска претстава „Балкандром“, копродукција на организации на Црвениот крст од Охрид, Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар.
Ова дело на повеќе јазици, зборува гласно, храбро и лично за суровата реалност во сите овие балкански држави каде луѓето поради секојдневието, негативните појави го напуштаат своето место на живеење барајќи подобро место за живот.
– Изминатата деценија, преку нашата сцена продефилираа повеќе од 80 охридски младинци, а заедно со нив и тројно повеќе учесници од нашите пријателски организации на Црвен крст од Суботица, Крагујевац, Бар, Требиње и Ужице. Заеднички, создававме простори за дијалог, толеранција, прашања и надеж, информираат од Црвен крст Охрид.
Претставата „Балкандром“ ќе се одигра во предворјето на црквата Св Софија, со почеток во 20:30 часот, а влезот е слободен. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
