Охрид, 17. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Во општина Охрид за претстојните локални избори се евидентирани вкупно 52.580 граѓани со право на глас.
За Охрид се поднесени 4 листи за градоначалник и 11 за членови на градскиот совет – четири предложени од коалиции, три од партии и четири од група избирачи.
Претенденти за градоначалничката фотелја на овие локални избори се актуелниот градоначалник, Кирил Пецаков, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, д-р Асен Шајн од СДСМ и нивната Коалиција, Стевче Стевоски како кандидат од Твоја партија и Гоце Цветкоски како независен кандидат.
Кај советничките листи охриѓани ќе избираат помеѓу четирите предлози на коалиции: коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалиција за локални избори 2025 предводена од СДСМ, коалиција за зелена иднина и Искуство за успех предводена од ЛДП, три се поднесени од партии: Демократска партија на Турците, Движење ЗНАМ – За наша Македонија и Левица, како и независните предложени од група избирачи: Арбен Далипи, Данијел Стојановски, Марија Младеновска и Рушан Хода.
Ќе се гласа на 87 избирачки места. Во однос на претходните избори има промена на локации на неколку избирачки места:
– Избирачките места 1254, 1254/1 и 1264/1 од Градски пазар-Нов објект се префрлени во ОСУ „Св. Кирил и Методиј“, Средно економско училиште.
– Избирачкото место 1264 од МЗ „Кошишта“ е префрлено во ОСУ „Св. Кирил и Методиј“, Средно економско училиште.
– Избирачкото место 1267 од приватен објект на улицата „Железничка“ е префрлено во ОУ „Кочо Рацин“, поранешна касарна, на улицата „Радојца Новичиќ“, во новата зграда на училиштето.
– Избирачките места 1268 и 1268/1 од приватен објект – хотел „Ловец“ во Охрид, се префрлени во ОУ „Кочо Рацин“ – „Св. Кирил и Методиј“, Средно економско училиште.
– Жителите на улицата „Александар Турунџиев“, со куќен број од 001 до крај се префрлени во ИМ 1285 ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
– Жителите од улица „АСНОМ“, непарни броеви на куќен број од 001 до 0081 се префрлени во ИМ 1270 – Музичко училиште „Методиј Патчев“ и
– Жителите од улица „АСНОМ“, непарни броевки на куќен број од 0081 до крај се префрлени во ИМ 1273 – Музичко училиште „Методиј Патчев“.
Изборната кампања завршува на полноќ. Утре први ќе гласаат болните и немоќните, лицата во куќен притвор, затворениците и лицата во старските домови. Во Охрид за гласање во домашни услови се пријавени 230 болни и немоќни лица. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
