Распишан конкурсот за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2025 година
October 22, 2025

Охрид, 22. октомври 2025 (ИНПРЕС) – НУ Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид распиша конкурс за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2025 година.

– Конкурсот трае заклучно до 22-ри ноември. Тематската содржина на поемата со која што се конкурира е од слободен карактер, поемата не смее да биде помала од 912 стихови и секој педесетти стих треба да е нумериран. Делото треба да е напишано со големина на фонт минимум 11 (единаесет), испечатено еднострано на А4 формат во 4 (четири) еднакви шифрирани примероци. На конкурсот еден автор може да пријави само едно дело, коавторски дела се неприфатливи. Конкурсот е анонимен, а за најдобрата поема предвидена е и парична награда. За изборот односно наградата одлучува тричлено жири составено од реномирани автори од Република Македонија. Се повикуваат сите заинтересирани автори да испратат необјавена поема на следнава адреса: НУЦК „Григор Прличев”- Охрид, ул. „Македонски просветители” бр. 4, 6000 Охрид, со назнака „Пријава за избор на најдобра поема „Григор Прличев”. Поемите кои нема да пристигнат до определениот рок или нема да ги исполнуваат условите од истиот нема да бидат земени предвид за наградата. Комисијата согласно правилникот за критериумите и постапката за избор на најдобра поема, ќе ги извести авторите што поднеле уредна апликација, за резултатите од изборот, информираат од Центарот.

Сите заинтересирани, дополнителни информации можат да добијат на телефонот 046/261-063, или на мејл адресата: centarzakultura_ohrid@yahoo.com. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес