Охрид, 26. декември 2025 (ИНПРЕС) – Занаетчиството во Охрид и Македонија полека изумира, намалена е бројката на регистрации на нови занаетчии, а нагло растат одјавувањата.
Наназад години се даваа субвенции, платени придонеси, персонален данок, имаше многу поголем интерес за регистрација на нови занаетчии. Постигнуваваме бројка од 40 регистрации во една година, во Охрид годинава имаме само 9 новорегистрирани, а бројката на оние кои се одјавуваат нагло расте. Фискализацијата и немањето стратегија за развој на занаетчиството се меѓу поглавните причини за ваквата состојба, изјави за Супер радио и InPress в.д претседателот на Занаетчиска комора на Македонија, Сашо Богоески.
– Бројката на одјавувања расте од едноставна причина, што Управата за јавни приходи одлучи сите физички да ги фискализира и сега дел од нив не ја прифаќаат таа наредба и ги затвораат своите фирми. Тоа е една лоша, непромислена одлука на УЈП, од тоа државата ќе нема никаква корист од тоа што ќе ги фискализира. Ќе ја искористам можноста додека сум в.д претседател на републичка комора да побарам средба директно со премиерот и да му кажам дека едно со друго министерствата не соодветствуваат за развој и унапредување на занетчиството. Министерството за економија има став дека занаечиството е ниско профитабилна дејност од една страна, а министерството за финансии, односно УЈП ги фискализира фризерките затоа што имале голем обрт на работа и поголем приход, значи едно со друго не содејствува на две министерства во иста влада. Тоа е сериозен проблем, потенцира Богоески.

Немањето стратегија за развој на занечиството од 2020 година доведува до намалување на бројот на новорегистрирани занетчии, како и неможноста занаетчиите да го следат зголемувањето на минималната плата.
– Ние не можеме овие да ги поминиме, а камо ли секое наредно зголемување и тоа е една од причините што расте затворањето на фирми. И друга причина, отворањето на овие неколку погони за производство на резервни делови за автомобили, голем број млади со дипломи од занаетчиски дејности, во најголем број козметичарски, се вработуваат таму, од едноставна причина што за пристојна плата околу 35.000 денари им е многу поисплатливо од отворање на сопствен дуќан, рече Богоески.
Во Охрид моментално има околу 200 занаетчии и околу 150 вршители на занаетчиска дејност. Тоа се правни субјекти, регистрирани како ДООЕЛ, што по сила на закон мора да бидат членови на комората.
Богоески потенцира дека за сериозните состојби во занаетчиството ќе побара средба со премиерот. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес








