Скопје, 12. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување, информираат од министерството за здравство.
Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.
– Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
Од министерството додаваат дека со овој закон се испраќа јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор.
Потенцираат дека законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација.
Предлог-законот за заштита од пушење се очекува да стапи во сила на 1-ви март. Меѓудругото предвидува целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, ограничувања за рекламирање и промоција на тутунски и никотински производи, а тука се и високите парични казни за непочитување на одредбите.
Како и за секое законско решение така и овде најважна е доследната примена на пропишаните одредби од страна на сите засегнати страни. Во спротивно ќе остане само збирка од зборови на хартија.
Граѓаните со поделени мислења, некои го поддржуваат, за некои пак е рестриктивен и дискриминирачки. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива








