Охрид, 31. март 2026 (ИНПРЕС) – Нема ден, а во медиумите да не осамнат информации за бројни случаи на тепачки, селективна правда, неказнивост, дрога на сите страни, пребрзо возење, жртви… Покрај овие, случаите на семејно насилство во регионот на Охрид се сѐ почести, што доволно зборува за состојбата во која се наоѓаме како општество.
Десет кривични пријави против десет сторители се поднесени до СВР Охрид, по пријавени случаи на семејно насилство, во периодот од јануари до март годинава.
Според официјалните податоци, во истиот период се евидентирани вкупно 18 случаи на семејно насилство, додека во првите три месеци минатата година биле регистрирани 7 случаи. Лани, во истиот период, биле поднесени 4 кривични пријави против 4 сторители. Кривичните пријави годинава се поднесени по основ на кривичните дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“.

Според експертите, семејното насилство е сеопфатен феномен кој вклучува загрозување на туѓото право, на туѓиот живот, нарушување на интегритетот на другиот, завземање на простор во кој може да има и само психолошко насилство, може да има и економско насилство, но во секој случај го оневозможува нормалното функционирање на другиот човек.
– Причини за семејното насилство има многу. Минувавме низ транзиции, минувавме низ периоди кога можеби машката популација беше малку поизложена во однос на губење на работа, повлекување, пасивизирање… Женската популација како да немаше можност да се реализира во контекст на некоја средина кај што се случуваа сите тие промени. Дел од луѓето остануваат заглавени во тој систем, не го процесираат тоа и не одат напред. Понекогаш пак, кај одредени личности, тоа е различно, зависи од структурата на личноста, не мора да има никаква причина од тој тип на нереализираност за да одреден човек, одредена личност може да почне да манифестира насилно поведење, а сите оние модалитети во кои посериозни психички отстапки доведуваат до такво неразбрано од другиот поведение. Причините секако дека лежат пред се’ во структурата на личноста, зошто е тоа прв пат манифестирано и се поврзува некако и со позициите на моќ во покажувањето на една личност како сила во однос на друга личност. Ако јас имам еден паничен страв, ако сум несигурна, дека ќе бидам напуштена, дека ќе бидам оставена, и ако моето воспитување било претежно со забрани, значи јас имам голем фрустративен момент, јас ја немам самодовербата понатаму и ако не сум го работела на личниот развој, да одам цврсто и се’ да правам со амбициозност кон она што сакам да бидам. Од друга страна силата на човештвото секој ден станува поголема, поголема и поголема, меѓутоа немоќта на човекот останува иста, истакна во интервју за Супер радио и InPress психотерапевтот Татјана Ристова- Димова од Референтниот Центар „Жан Митрев Клиник“ во Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
