Охрид, 1. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Големи црни кеси со најразличен отпад оставени до кантите, картонска амбалажа, расфрлани пластични шишиња, остатоци од храна…ова е „декорот“ што често може да се види низ уличките на стариот дел на градот.
– Ова се редовни слики од најпосетуваниот дел од Охрид од страна на туристи, место коешто е живеалиште на голем број граѓани, место со голем број бизниси. Ова не е сликата којашто сакаме да ја ниту живееме, ниту оставиме како впечаток за нашата култура, информираат од ЈП „Охридски комуналец“
Оттаму апелираат до граѓаните и правните лица кои живеат и работат во стар град да ги почитуваат препораките за одлагање на отпадот во канти, не во ќеси, а одлагањето да биде до 06.00 часот наутро.
– Отпадот, особено од храна, одложен во ќеси најверојатно ќе заврши по улиците заради уличните и домашни животни. Затоа, апелираме да се одлага во канти, капаците да бидат затворени и да не се остава отпадот да стои предолго на улица особено во текот на топлите денови, велат од претпријатието.
Посочуваат дека отпадот е дел од нашето живеење и работење и како и сите други аспекти треба да се менаџира и да се организира начинот на којшто ќе го третираме во нашите домови и нашите бизниси. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ЈП „Охридски комуналец“
