Охрид, 5. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Охрид е бисер на природата и културното наследство и мора да го чуваме, еколошката свест на локално и на централно ниво мора да се крене на повисоко ниво, потребно е сите заедно да придонесеме за чиста животна средина.
Ваквите констатации се во ред, но дали и колку правиме за нивно реализирање во пракса.
Ако се земат предвид расфрланото ѓубре и бројните мини депонии „никнати“ на несоодветни места, грижата за Охридското Езеро што при поголеми бранови на брегот ја исфрла еко културата, доаѓаме до заклучок дека еколошката свест и понатаму ни е на ниско ниво.

Продолжува неодговорното однесување на поединци, кои фрлаат ѓубре и отпадоци каде ќе стигнат. Градежен шут, кабаст и зелен отпад се честа слика покрај контејнерите, но и на плажи, покрај пат…
Дивите депонии создадени од несовесни граѓани и понатаму се проблем што тешко се надминува. Службите на ЈП „Охридски комуналец“ ги расчистуваат мини депониите во урбаните и руралните средини, за по кратко време на истите места да се добие впечаток дека воопшто не се исчистени. Заедничкиот впечаток е дека каков е нашиот однос кон заедничкото добро, хигиената и културата, па и цел град да работи во „Комуналец“, повторно не ќе може да се исчистат нашите „дела“.

Извадените пак метални конструкции и автомобилски гуми, делови од покуќнина од дното на Охридското Езеро се приказна за себе и слика што воопшто не ја заслужува нашиот бисер.
Од ЈП „Охридски комуналец“ за неодамна за InPress и Супер радио информираа дека лани подигнале 5.314 m³ најразличен отпад од диви депонии, а локациите на кои никнувале се „распослани“ низ целото градско подрачје.

Како решение за овој хроничен проблем ја посочија потребата од воведување на комунална полиција. Ваква служба постои во градовите од соседството како Белград, Тирана, Подгорица и дава позитивни резултати во неколкукратно намалување на нечистотијата.
Во Уставот на Република Македонија е пропишано дека секој човек има право на здрава животна средина, но и секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата.
Па, ајде да направиме сите по малку во напорите да имаме здрава и чиста животна средина. Тоа не е воопшто тешко бидејќи можеме, а за жал, секоја чест на исклучоците, го покажуваме кога сме во некоја странска земја, каде ваквото неодговорно однесување се казнува. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/архива
