Охрид, 15. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Секој збор, коментар и секој поглед кон делата ми значат многу и ми даваат дополнителна мотивација да продолжам понатаму со уште поголема посветеност и љубов кон создавањето вели за InPress и Супер радио младата охриѓанка Стефанија Алачкоска по отворањето на нејзината прва самостојната изложба „Огледало на Охрид“.
– Изложбата за мене беше едно навистина посебно и незаборавно искуство кое ќе го паметам долго време. Многу сум среќна и искрено благодарна за огромниот интерес, убавите реакции и поддршката што ја добив од сите посетители. За мене претставува голема чест и задоволство што имав можност да ги претставам моите дела пред публика и да споделам дел од мојата уметничка работа и емоции со другите, вели Алачкоска.

Промотор на изложбата беше охридската уметница Јана Маркоска-Наумовска, која истакна дека уметничкиот израз на Стефанија најмногу се движи во рамките на реализмот и академскиот пристап кон цртањето и сликањето.

– Разгледувајќи ги изложените дела, лесно може да се забележи дека нејзината најголема инспирација е Охрид. Она што особено радува е разновидноста на мотивите и техниките. Од архитектура и пејзажи, преку портрети и фигурални композиции, до иконопис и цртежи со молив. Особено во делата изработени со молив може да се забележи нејзината способност за прецизно набљудување, чувството за пропорција, како и умешноста преку светлина и сенка да создаде длабочина, атмосфера и емоција, рече Маркоска-Наумовска.
Младата уметница Алачкоска потенцира дека ваквото искуство за неа носи нова енергија, инспирација и желба уште повеќе да се развива како уметник.
Во неодамнешното интервју за InPress и Супер радио истакна дека преку цртежите успева да забележи многу повеќе детали што обично остануваат незабележани. Образованието планира да го продолжи во Словенија, а на младите им порачува да го слушаат своето срце и да веруваат дека сè е можно.
Делата на Стефанија може да ги погледнете на нејзиниот профил наInstagram. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
