Струга, 18. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Од 24-ти до 29-ти јуни, по јубилеен 65-ти пат ќе се одржат Струшките вечери на поезијата, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена.
Фестивалот ќе започне на 24 јуни, со традиционалното засадување на дрво во Паркот на поезијата од страна на годинашниот добитник на наградата Златен венец на СВП, Анеке Брасинга од Холандија. Официјалното отворање ќе биде вечерта во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток во 20:30 часот.
Годинава фестивалот се одржува под мотото „Каде што живее поезијата“, кое е сообразено и со целокупниот визуелен концепт изготвен од креативниот тим на СВП, преку кој се посочува на кревкоста на традицијата и културата, но и за нејзината особеност и трајноста на зборот.
За јазикот како куќа на поезијата, за внатрешното и светогледите, за идентитетите и разноликоста. Сето ова е одразено и низ целокупната програма на Струшките вечери на поезијата, кои годинава одбележуваат 65 години од своето постоење.
Неодамна беа избрани петте книги што влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“. Поетите од потесниот избор ќе имаат свое претставување на одделен настан на фестивалот, пред официјалното соопштување на добитникот, кое ќе биде на 26 јуни, во 12:30 часот. Наградената книга покрај паричната награда добива и објавување на книгата во превод на англиски јазик, промоција и портрет на следното издание на Струшки вечери на поезијата. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
