Загреб, 22. август 2015 (ИНПРЕС) – Пратеникот во хрватскиот парламент и претседател на Истарските демократи (ИД), Дамир Кајин, во петокот пред новинарите јавно праша зошто мигрантите не бегаат кон најбогатите земји во светот – Саудиска Арабија, Катар, Кувајт, Емиратите…
Тој навел дека тие не го прават тоа затоа што Саудиска Арабија изградила 950 километри долг ѕид, а соседните земји поради истото ја критикуваат Унгарија. Зборувајќи за бранот на мигранти од Блискиот и Средниот исток, тој наведува дека има разбирање за трагичните судбини на мигрантите и додаде дека исто така има разбирање за загриженоста на Македонците, Србите и Унгарците.
Кајин натаму вели дека до крајот на оваа година, над 40.000 бегалци ќе бидат насочени кон Хрватска и додаде дека Владата за нив одреди пет прифатни центри во поранешните касарни во Карловац, Долго Село, Вараждин, дворецот во Илок и Пула.
– Предлагам наместо во Пула, прифатен центар да се стационира на Брионите, бидејќи тоа е идеално место, а може и во Свети Јуриј (село во сопственост на Иван Јаковчиќ). Или можеби на 180 хектари големото парче земја кое Министерството за земјоделство неодамна му го подели на еден високо позициониран ИДС-овец, рекол Кајин. (Крај)
извор: Пулс 24 фото: архива
