Охрид, 12. декември 2025 (ИНПРЕС) – За една недела, во периодот од 1-ви до 7-ми декември 2025 година, во Република Македонија се пријавени 96 случај на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, за 15,8% помалку во однос на минатата недела се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од нив 85 лица се на возраст од 15-64 години, 6 лица на возраст над 65 години, 4 деца на возраст од 5-14 години и еден регистриран случај на возраст од 0-4 години.
– Заболените лица оваа недела се регистрирани во Куманово – 17, Охрид – 12, Тетово – 11, Македонски Брод – 10, Кавадарци – 9, Скопје – 8, Прилеп – 6, Штип и Радовиш по 5, Битола и Виница по 4, Струмица – 3, Гостивар – 2. Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, стои во извештајот.
Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 872. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 60,9%.
Од 16 октомври започна да се спроведува бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани, а интересот е голем. Досега на ниво на Република Македонија со бесплатна вакцина се имунизирани вкупно 76.702 лица од ризичните категории. Покрај тоа набавени се и 2.400 дози комерцијални вакцини за останатото население и досега се имунизирани 1.749 лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
