Охрид, 2. април 2025 (ИНПРЕС) – Охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ добива 3 320 000 денари од министерството за култура и туризам со Решението за проекти од национален интерес во културата за 2025 година содржани во нацрт годишната програма за работа на установата.
Во делот на драмската дејност, Народен театар Охрид ќе реализира три премиери. За „Таксистот“ од Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски обезбедени се 800 000 денари, за „Фантастична идеја“ – според мотиви од повеќе дела и автори, а во адаптација и режија на Ненад Витанов – 750 000 денари и за „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Андреј Цветановски – 850 000 денари.
– Висината на средствата за продукција на драмска дејност, за разлика од изминатите години е зголемена за 30%, што директно ќе влијае и на квалитетот на продукциите на Народен Театар Охрид, кој и досега, без разлика на скромните ресурси, стремеше кон квалитет и врвност, велат од Центарот за култура.
Од областа на музичка и музичко сценска дејност, министерството ја поддржа програмата на Градскиот хор „Вокс Лихнидос“ со 70 000 денари.
Кај фолклорната дејност за Балканскиот фестивал на народни песни и игри се издвоени 500 000, а за Охридски староградски средби 100 000 денари.
За наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2025 предвидени се 200 000 денари, додека за материјални трошоци за работа на установата, ресорното министерство издвои 50 000 денари. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
