Атина, 29. февруари 2016 (ИНПРЕС) – Состојбата на јужната граница станува тензична. Околу 1.000 бегалци кои веќе неколку дена се наоѓаат на грчко-македонската граница, a од синоќа ја блокираат меѓународната пруга во знак на протест поради тоа што не ги пуштаат да го продолжат патувањето кон западноевропските земји.
Во Идомени кој се наоѓа на самата граница никна вистински бегалски камп со шатори во кој бегалците спијат и по десетмина, а за оние кои нема место ноќите ги поминуваат под ведро небо во околните ниви и напуштени шупи.
Грчките полицајци кои според кажувањата на хуманитарците ги има во мал број дополнително ја комплицираат состојбата бидејќи на бегалците не им ја кажуваат реалната состојба и им велат дека македонските власти се виновни за застојот што воопшто не е точно.
Македонија само се придржува на договорот со земјите од балканската рута дека ќе пропуштаат по толку бегалци дневно колку што ќе пристигнат во Австрија и Германија кои се најчести нивни крајни одредишта.
Во Идомени нема доволно храна и медицинска грижа за бегалците. Некои од локалните жители во селото ја користат ситуацијата и поставиле киоск каде им продаваат оброк за 2,5 евра. Поради студените ноќи голем дел од децата и старите лица се жалат на вируси и покачени температури па лекарите постојано се на терен. (Крај)
извор: МКД.мк фото: архива
