Охрид, 19. јуни 2026 (ИНПРЕС) – По првото пријавување во јунскиот уписен рок во четирите средношколски центри во Охрид се запишаа вкупно 444 полуматуранти.
Во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ во прва година се запишаа 109 ученици, во СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ запишани се 113 ученици, во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ 186 и во РЦСОО „Ванчо Питошески“ 36 деветтоодделенци.
За второто пријавување во јуни во сите училишта слободни се вкупно 253 места.
Во охридската Гимназија преостанати се 27 места, во СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ има 21, потоа во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ има слободни 116 места, додека во РЦСОО „Ванчо Питошески“ може да се запишат уште 89 полуматуранти.
И годинава полуматурантите беа повеќе заинтересирани за стручните училишта. Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ најголем интерес имало за профилите електротехничар за компјутерска техника и автоматика, техничар за патен сообраќај и техничар за компјутерска нега и убавина, додека за профилот инсталатер за греење и климатизација нема примени кандидати. Во СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ најмногу запишани има на насоката економски техничар, додека во РЦСОО „Ванчо Питошески“ на угостителски техничар и келнер/готвач.
Второто електронско пријавување на учениците ќе се врши на 23 јуни од 00:00 до 23:59 часот. Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 24 јуни од 08:00 до 15:00 часот. Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ја објавува на 25 јуни, најдоцна до 12.00 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница. Пријавувањето во августовскиот рок, според објавениот конкурс, ќе се врши на 20 август. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
