Охрид, 27. мај 2026 (ИНПРЕС) – Во тајните на музиката уште од мали нозе го вовел неговиот татко Наум, а сега тој самиот им ја пренесува на неговите синови. Гоце Гавриловски досега учествувал на повеќе меѓународни семинари, фестивали и конференции по композиција и филмска музика во Македонија и странство, кај бројни реномирани светски композитори.
Неговото имe стои зад бројни солистички, вокални, камерни, хорски, вокално – инструментални и оркестарски композиции, а за дел од нив е добитник на домашни и меѓународни награди.
Со Гавриловски разговаравме за неговите почетоци, она што го инспирира при создавање на делата, плодната соработка со градскиот мешан хор „Vox Lychnidos“, освоените награди,педагошката дејност, за иднината на македонската хорска и композиторска музика, како и за плановите во следниот период.
InPress: На почетокот, за вашите почетоци, имате музички бекграунд, вие сте син на Наум Гаврилоски, основачот и првиот директор на ОМУ „Методи Патче“.
Гавриловски: Мојот татко Наум, кој воедно е и основач на првиот фолклорен ансамбл „Ѓердан“, а потоа и на КУД „Бисери“ и ФА „Отекс“, секако дека имаше големо влијание врз мојот развој низ музичките води. Најпрвин ме воведуваше во тајните на музиката, всадувајќи ми ја љубовта преку пијаното и увежбувајќи го мојот музички слух кон апсолутни висини. Уште од мали нозе ме водеше на неговите часови со учениците по хармоника. На пробите со фолклорниот ансамбл се надополни и љубовта кон фолклорната музика, која и до ден-денес е неизоставен дел од моето творештво. Mоите изведби на тапан, инструмент кој и сега преку разни оркестрациски и комбинации го опишувам низ моите композиции, оставиле траен белег со идното, а сегашно мое творештво, кое резултира, најпрво со дипломската работа: Симфониската Суита „Фолклорна обредна ракатка“, за голем симфониски оркестар, продолжувајќи со магистерскиот труд: „Присутноста, употребата и улогата на музичките инструменти во дел од оркестарското творештво на композиторот властимир Николовски“, па сé до темата за докторка дисертација: „Фолклорот и неговата уметничка транспозиција во дел од симфониското творештво кај македонските композитори“, и секако и бројните дела- можеби околу половината од моето творештво се базира и припаѓа на фолклорните корени.
InPress: Што ве инспирира при создавање композиции?
Гавриловски: Инспирацијата при создавање на музички композиции се базира врз разни сфери на интерес кај авторот: мотив виден или чуен во природата, една мелодија испеана или исвиркана од група деца во паркот, момент во дел од секунда кој ни буди одредена инспиративна нишка, одредена народна или популарна мелодија- сето тоа може да претставува одреден поттик и мотив кон креативноста при оркестрирање и компонирање во авторските дела. Доколку се осврнеме на музичкото творење и креативност, како и улогата на композиторот во современиот свет наполето на композиција и оркестрација, се согледува од аспект на создавање музика во сегашноста, творечки начини и постапки од идеја кон партитура и звук, разни видови на креативни процеси и современи техники при компонирање и оркестрирање, употреба на разни музички изразни средства во процесот на создавање музика, оркестрациски и композиторски принципи и основни начела, практични совети и искуства од домашната и меѓународна сцена,влијанието на музичкиот фолклор и традиција при создавање културен идентитет и автентичност во сопственото дело.

InPress: Љубовта кон музиката ја продолживте и преку наставно- педагошка дејност.
Гавриловски: По завршувањето на првиот циклус студии работев како педагог- наставник по пијано во ОМУ „Методи Патче“- Охрид, каде бев еден од првите наставници кои започна да ги претставува своите ученици на странските и меѓународни подиуми и бројни ученици од класата се стекнуваа со разни признанија. Од 2008 година започнав со работа на Факултетот за музичка иметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а од 2019 година сум избран во редовен професор на Музичката академија при УГД, каде активно учествувам при извршувањето на настава во прв, втор и трет циклус од студиите, како предавач и ментор на студентите.
InPress: Вашата биографија е богата, сте учествувале на повеќе меѓународни семинари, фестивали и конференции по композиција и филмска музика во Македонија и странство, кај бројни реномирани светски композитори. Кажете ни нешто за искуството што го стекнавте?
Гавриловски: Изучувањето на композиторскиот занает започнува уште во средно-школските денови, од 1994 година под раководство на Тома Манчев. Од 1996-2002 година многу значајно искуство и основа за моето изучување во композиторовите води ми пренесе Гоце Коларовски. На крајот, бев првиот дипломиран студент на отсекот по композиција во реномираната и бројна класа на професорот. Имав средби и со бројни истакнати музички дејци и творци, како: Томислав Зографски, Милан Фирфов, Стеван Гајдов, Благој Цанев, Димче Николески, Илија Пејовски, како и со доајенот на македонската музичка и композиторска нишка- Властимир Николовски, а подоцна и со бројни светски и меѓународно- признати и познати композиторски имиња. Сите овие значајни моменти придонесуваат за разни искуства и оформување на композиторот како автентична личност и фигура, препознатлива по својот стил.
InPress: И минатата година се вративте со награда од Интернационален натпревар што се одржа во Атланта, САД. Што освоивте и за кое дело?
Гавриловски: Во јуни 2025 година за делото „Ремикс“, за симфониски оркестар, во Њујорк – САД, ја освоив втората награда, ова е зацврстување и на минатогодишната втора награда за делото „Бум-та-ка бум“ (композиција која ја изведе градскиот хор „Вокс Лихнидос“ Охрид, и за ова дело во 2024, во Ниш освои Повелба за негување и унапредување на македонската хорска музика и македонски музички автори- композитори), од истиот меѓународен натпревар во САД- од 2024 год., во конкуренција на композитори со преку 200 дела од разни земји од светот и секако ми претставува поттик за понатамошно делување.

InPress: Инспирирани сте од македонскиот музички јазик и нашата богата фолклорна традиција, посебно од вокалната. Сте создале бројни композиции, а за дел од нив имате добиено домашни и меѓународни награди.
Гавриловски: Од досегашното целокупно музичко- уметничко творештво (од 1994-2026 год.), се вбројуваат над 260-на дела за разни видови на ансамбли, а значаен дел од нив – над 40-на се хорски композиции, што по бројноста и освоените награди се наметнува како специјалност. Сето ова резултира со 20-на награди во последните 15-на години, како во земјава, така и во странство. Посебно би ги издвоил следниве домашни и интернационални награди: на конкурсот за откуп на музички композиции на Министерството за култура на Република Македонија од 2014 до 2016 година сум добитник на бројни први и втори награди, на Петтиот Меѓународен натпревар 2012 година во Санкт Петерсбург, во конкуренција на 162 дела од разни земји ширум светот, во две разни категории: категорија- II. Original works based on folk or author’s lyrics, close to folk- 2- втора награда, со делото „Заблеало“ што беше изведено и на концертот «Mirror of Time. ХХI century»- Choir Festival- Cathedral, во Санкт Петерсбург, во категоријата- IV. Experiment choral pieces with new texture techniques- 3- трета награда, со композицијата: «Meditation mix combination»; на VI-тиот Меѓународен натпревар во Санкт Петерсбург – Русија, во 2013 година, за хорското дело Дај Дуни, доделено трето место; на VI Меѓународен натпревар „Хорска лабораторија на XXI век“, одржан во Санкт Петерсбург – Русија, во 2013 година, со делото Мугри – за мешан хор, освоено прво место.

InPress: Веќе подоло време соработувате со градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“. Како се роди соработката, што ја прави посебна и кои сé дела ги имате компонирано специјално за нив?
Гавриловски: Соработката со градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“, датира уште од пред 15-на години, се одликува со огромна ангажираност, упорност, истрајност, пожртвуваност, ентузијазам- најпрво од диригентот м-р Бурим Хидри, како и од сите членови кои се ангажирани во исполнителските барања, кои на моменти, морам да признам, дека биле на многу високо, дури и на професионално ниво, за кои сведочат и бројните настани и концерти, како и заеднички награди постигнати преку нивното, на моменти и над- професионално залагање и заедничко делување. Се работи за прилично голем дел од мојот опус, некои композиции се посветени и токму на самиот хор, како гест на огромна благодарност и „наклон до земја“ кон диригентот и хористите. На пример, делото „Заблеало“, или композицијата „Бум-та-ка бум“, која беше подготвувна со огромна желба, вежбана со часови и денови, за на крајот да резултира со многу високо достигнување при изведбите на подиумите ширум земјава и во странство.
Ексклузивно најавувам дека овие дела во блиска иднина ќе прозвучат на заеднички солистичко- авторски концерт, што во живо ќе биде снимен и на носач на звук- компакт дикс, со што ќе остави траен белег за идните генерации.

Список со награди и концерти на хорот „Вокс Лихнидос“, во соработка со мои дела: „Капетан“, 2023 год., во Херцег Нови- втора награда; „Бум та ка бум“, 2024 год., во Ниш, освојува Повелба за негување и унапредување на македонската хорска музика и македонските музички автори- композитори; „Заблеало“ за 4- гласен мешан хор, Солистички концерт на градскиот хор, Охрид, 2015; „Bum-ta-ka bum”-for 8-voices mixed choir, 2023/24- изведена во Ниш, Р. Србија, 2024, наградена- САД- второ место, 2024; „Рудо јагне заблеја”- за детски хор, 25- Републички/ Државен натпревар на детски и младински хорови, Дом на култура- Кавадарци, 11 мај 2013 год., прво-наградена; „Заблеа рудо јагне”- за детски хор, Патронат на О.У: Братство Единство- Охрид, 23 мај 2013 год; „Рудо јагне заблека”- 3- гласна композиција за детски хор, Регионални хорски и оркестарски смотри, Гимназија- Св. Климент Охридски- Охрид, 21 април 2013 год.; „Заблејало“- за 4- гласен мешан хор, Солистички концерт, Фестивал ТЕХО- Тетово, 2015 година; „The Captain”- for mixed choir, 2022, изведена: Кикинда, Нови Сад- Р. Србија, Охрид, Херцег Нови- Р. Црна Гора и наградена во 2023 год.- со второ место; “Daj”- for mixed choir, 2020, изведена во Охрид; TEHO-2021; Р. Србија- Кикинда; „Боса роса“- Вокализа за мешан хор, 2016 год., изведена: 2018, Питешти- Романија, Кикинда и Нови Сад – Србија, Охрид, TEХO-2019.
InPress: Како се чувствувате кога ваша музика се изведува надвор од Македонија?
Гавриловски: Како и секој човек, јас сум бескрајно задоволен и горд и како „мало дете“ неизмерно се радувам на секоја изведба на некое дело, подеднакво во земјава и во странство, и тоа ми дава огромна инспирација и поттик за следни чекори и понатамошни успеси, кои во нашата област и никогаш немаат крај – бидејќи секогаш има повисоко, и подалеку, сé е безгранично – во сите димензии, како најдалеку, така и највисоко, но секогаш има нов простор, и може повеќе, и подалеку, и повисоко.

InPress: По вашите стапки одат и вашите синови Александар и Петар.
Гавриловски: Моите синови исто така се занимаваат со музика, повозрасниот син Александар свири на пијано, а помалиот Петар – на виолина и тие секако придонесуваат и влијаат врз и при градењето на музичката култура – како во нашето семејство, така и пошироко – преку нивните бројни настапи на концерти и награди, изведби и на доста мои дела- како во земјава, така и во странство. За бројни дела од творештвото, всушност тие – нашите најблиски поколенија, ни претставуваат најголема инспирација и секако – голем дел од композициите специјално сум ги креирал и посветил токму на нив. А за понатаму – ние како родители, им пружиме поддршка и можност, горди сме на нив, а останува сами да го одредат понатамошниот пат и изборот на идна професија.

InPress: Како ја гледате иднината на македонската хорска и композиторска музика?
Гавриловски: Иднината на македонската хорска, но и композиторска музика, како кај нас, така и насекаде низ светот, ја согледувам доста оптимистички, имајќи предвид дека во денешно време, за разлика од порано, кога ние многу тешко и макотрпно доаѓавме до одредени нотни материјали, снимки, или книги, сега секој кој има желба да се занимава со музика или посебно – компонирање, преку интернетот ги има на дофат сите информации поврзани со композиторовото учење и делување, или материјал. Па така за многу пократко време може да се стигне до посакуваните цели, но и напредок во сите полиња на музиката. Несомнено е мислењето дека областа на Балканот како поднебје претставува расадник и крие потенцијали на сосема извонредни и невидени таленти од секоја област, вклучително и во областа на музиката.
InPress: Совет за младите композитори
Гавриловски: Совет за младите композитори, но истовремено и за мене, сум го практикувал во бројни моменти е дека „при секое поставување на одредена цел – колку и да е недофатлива, тешко достижна, можеби и на почетокот изгледала во прв момент научно-фантастична за исполнување, треба да се делува со насочена мисла и мора да се има на памет: истрајност, пожртвуваност, фокус, упорност и никоја одредена препрека, или сомнеж – во одредена фаза не смее да не успори, или да не оддалечи од постигнувањето на нашата зацртана цел.
Ги поддржувам и охрабрувам сите идни музички дејци и посебно млади композитори – тие ја имаат ретката привилегија, но и можност- позитивно да ја променат насоката на случувањата и дејствијата низ околината и светот и при постигнувањето на својата цел да бидат запаметени во историјата како единствени во своите постапки и двигатели кон понатамошниот развиток.

InPress: Кои се вашите идни планови како композитор и професор?
Гавриловски: Околу идните планови, секако продолжувам да со компонирање на бројни дела за разни состави, нарачки, конкурси и натпревари, изведби во разни места- како во земјава, така и во странство, најава за неколку изданија на носачи на звук на компакт диск, или видео – концерти во двд/ видео формат, како и продолжување со наставно- педагошката дејност при креирање и оформување на различен кадар од низа музички области.
Во ова инспиративно, емоционално, но и длабоко интимно интервју, би сакал да упатам огромна благодарност кон Вашиот медиум за просторот што ми го отстапивте и ве охрабрувам, бескрајно поддржувам и поттикнувам и понатаму да продолжите со вакви видови на искази на други личности, а на крајот- уште еднаш да истакнам посебен акцент и апел за негување, сочувување на своите корени, кои преку фолклорната појава низ музичките сцени- придонесува кон истакнување и претставување на нашата единственост, автентичност и оригиналност, која е позната низ целиот свет, а преку употребата и влијанието на музичкиот фолклор и традиција, заеднички придонесуваме кон создавање културен идентитет и автентичност- единствен во светот. (Крај)
извор: ИнПрес фото: Гоце Гавриловски/ИнПрес
