Охрид, 20. мај 2026 (ИНПРЕС) – Ново истражување откри голем број претходно непознати здравствени придобивки од лубеницата, омиленото летно овошје.
Неколку студии, објавени во научното списание „Нутриенти“, покажаа дека луѓето кои редовно јадат лубеница имаат поквалитетна исхрана, побогата со витамини и антиоксиданси, а посиромашна со додадени шеќери и заситени масти.
Позитивен ефект врз срцето и крвните садови
Една од студиите, спроведена на Државниот универзитет во Луизијана, покажа дека сокот од лубеница може да ја подобри функцијата на крвните садови и да придонесе за здравјето на срцето. Во студијата учествувале 18 здрави млади луѓе кои пиеле сок од лубеница дневно во текот на две недели.
Научниците се фокусирале на две соединенија присутни во лубеницата, L-цитрулин и L-аргинин, кои се вклучени во производството на азотен оксид. Ова е соединение кое помага во опуштањето и ширењето на крвните садови, што е важно за здрава циркулација.
Студијата открила дека сокот од лубеница ја поддржува функцијата на крвните садови дури и во периоди на покачени нивоа на гликоза во крвта и имал позитивен ефект врз варијабилноста на срцевиот ритам.
– Свесни сме дека големината на примерокот беше мала, со само 18 здрави учесници и дека се потребни понатамошни истражувања. Сепак, оваа студија дополнително ги поддржува доказите за придобивките од редовното консумирање лубеница за кардиометаболичкото здравје, рече д-р Џек Лосо, професор на Факултетот за исхрана и прехранбени науки на Државниот универзитет во Луизијана.
Богатa со антиоксиданси
Експертите особено препорачуваат црвена лубеница бидејќи содржи големи количини на антиоксидансот ликопен. Утврдено е дека ликопенот ефикасно помага во борбата против слободните радикали, нестабилни молекули кои можат да придонесат за предвремено стареење, рак и деменција.
Ликопенот е исто така природен пигмент кој им дава на многу овошја и зеленчуци, како што се доматите, нивната карактеристична црвена боја.
– Лубеницата е богат извор на антиоксиданси, витамин Ц и ликопен, кои можат да помогнат во намалувањето на оксидативниот стрес и да играат важна улога во одржувањето на здравјето на срцето, додаде д-р Лосо.
Добрa e за хидратација и внес на витамини
Податоците од Националното истражување за здравје и исхрана на САД покажаа дека луѓето кои редовно јадат лубеница консумираат повеќе диететски влакна, магнезиум, калиум, витамин Ц, витамин А и ликопен.
Две чаши порција лубеница содржи само 80 калории, но обезбедува околу 25 проценти од препорачаниот дневен внес на витамин Ц и осум проценти од витамин Б6. Бидејќи е околу 92 проценти вода, лубеницата е одличен избор за хидратација во топли денови и по физичка активност. (Крај)
извор: index.hr фото: архива
