Охрид, 5. јули 2023 (ИНПРЕС) – Завршија градежните зафати за целосна промена на водоводната линија на делот од улицата „Македонски просветители“, од ЕВН до Пожарната.
Директорот на ЈП „Водовод“ Охрид, Марјан Ристески, за Супер радио и InPress вели дека нивниот дел од работата е завршен, поставена е нова водоводна инсталација на потегот од ЕВН до Пожарната, додека кракот од улицата покрај Пожарна, до пресек со улицата „Абас Емин“ ќе се реконструира наесен.
– Ние со водоводна линија завршивме ја поставивме водоводна линија на потегот од ЕВН до Пожарната, приклучени се сите корисници. Со оглед на тоа што е летен период, кракот од пожарна до пресекот со „Абас Емин“ планирано е да се дозаврши во есенскиот дел, рече Ристески.
Наспроти Пожарната оставена е отворена една поголема дупка, што дел од граѓаните ја гледаат како потенцијална опасност. Ристески додаде дека таму треба ЈП „Никсоградба“ да направи шахти, што ќе се користат кога ќе треба да се запре водата при некоја интерванција и очкува истото да биде комплетирано за брзо време.
Што се однесува до деловите од коловозот и тротоарите што беа ископани поради зафатите, од Општина Охрид нѐ информираа дека сега ќе се поплочат со бекатон плочки, а наесен ќе се асфалтира.
По честите дефекти на водоводната мрежа на овој потег во април и октомви минатата година промената на водоводната линија на делот од улицата „Македонски просветители“, од ЕВН до Пожарната беше приоритетен проект за ЈП „Водовод“. Конечно во првата половина на мај годинава започнаа градежните зафати за промена на водоводната инсталација.
извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

