Охрид, 30. април 2026 (ИНПРЕС) – И повторно… мапирани и исчистени диви депонии во населбите Воска и Даљан.
Службите на ЈП „Охридски комуналец“ и овој пат го расчистија она што несовесни граѓани го одложиле таму каде не треба, деградирајќи јавни површини и загрозувајќи ја животната средина на околното население.
– Мапирани се диво создадени депонии на 6 локации во овие населби од каде се подигнат 55 м³ кабаст и зелен отпад. Апелираме до граѓаните да покажат поголема одговорност во нашите напори во зачувување на животната средина, а секое депонирање на отпад на несоодветни локации ќе биде санкционирано, велат од претпријатието.

Неодамна оттаму најавија дека на критичните локации каде во континуиран период наназад има диви депонии, е поставен видео надзор. Дали нешто е регистрирано во овој случај и дали ќе биде казнето останува да видиме.
Во текот на минатата година според информациите на ЈП „Охридски комуналец“, подигнати се 5.314 m³ најразличен отпад од диви депонии создадени од несовесни поединци, а локациите на кои никнувале диви депонии се „распослани“ низ целото градско подрачје.
Како решение за овој хроничен проблем ја посочија потребата од воведување на комунална полиција. Ваква служба постои во градовите од соседството како Белград, Тирана, Подгорица и дава позитивни резултати во неколкукратно намалување на нечистотијата. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ЈП „Охридски комуналец“
