Охрид, 24. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Охрид повторно беше домаќин на еден од најзначајните ИТФ таеквон-до настани во регионот, Меѓународниот ИТФ натпревар „Ohrid Open 2026“, на кој учествуваа 317 натпреварувачи од девет европски држави.
Натпреварувачите од Македонија, Молдавија, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Италија и Хрватска приредија врвни борби, атрактивни настапи и вистински спортски спектакл пред присутната публика.
Особено успешен настап имаа македонските клубови, кои освоија вкупно 42 медали – 8 златни, 11 сребрени и 26 бронзени.

Најуспешен домашен клуб беше ХВА РАНГ ИТФ од Лесоец, со освоени 4 златни, 6 сребрени и 8 бронзени медали. Одлични резултати забележаа и клубовите „Мастер“ со еден златен, два сребрени и три бронзени медали, „Ахилиус“ со два сребрени и еден бронзен медал, „Ге – бек“ Ресен со три златни, еден сребрен и девет бронзени медали, „Сонкал“ со четири бронзени медали и „Чон-Џи“ со еден бронзен медал.
– Покрај спортските резултати, натпреварот испрати силна порака за пријателство, почит и соработка меѓу државите и клубовите, вредности кои се темел на традиционалното таеквон-до. Македонската традиционална таеквон-до федерација (МТТФ) упатува искрена благодарност до генералниот спонзор ПН Метал, Општина Охрид и Министерството за спорт, чија поддршка овозможи успешна организација на овој значаен меѓународен спортски настан, вели претседателот на федерацијата Марјанчо Лазаревски.
Додава дека настанот уште еднаш потврди дека Охрид и Македонија успешно се позиционираат на европската таеквон-до ИТФ мапа, а интересот и квалитетот на учесниците покажаа дека „Охрид Опен“ прераснува во еден од најпрепознатливите меѓународни турнири во регионот. МТТФ продолжува да создава настани што ја промовираат Македонија, спортот и вредностите на традиционалното таеквон-до на европската сцена. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
