Охрид, 4. мај 2026 (ИНПРЕС) – 18 годишниот охриѓанец Ѓоко Чеменкоски, млад, амбициозен, харизматичен уметник ја гради својата музичка приказна – пее во хор, свири гитара, прави обработки на песни, а сега веќе има и своја сопствена.
Ѓоко е пример за новата генерација таленти кои со ентузијазам и посветеност ја носат музиката како дел од секојдневието.
Поразговаравме за неговата љубов кон музиката, првата авторска песна „Оди мила“, за членувањето во градскиот хор „Vox Lychnidos“, како и за идните планови.
InPress: Го промовира твоето музичко првенче насловено „Оди мила“. Што беше твојата главна инспирација за оваа песна, кој е авторскиот тим?
Чеменкоски: Пред сé, многу ми е мило што конечно излезе моето првенче. Јас сум автор на музиката и текстот, а аранжманот на Александар Јовевски. Главната инспирација е воглавно самата љубов кон музиката, а и секако дека во позадина се крие некоја девојка, која е „виновник“ за таа љубов да се пренесе во една чиста, емоционална песна. За песната направивме и видео запис за што беше задолжен Даниел Јовески.
InPress: Изминатиов период активен си на социјалните мрежи, заедно со твојот брат и уште двајца музичари пласиравте видеа со обработки на повеќе песни. Од каде идејата и дали ќе продолжите?
Чеменкоски: Идејата е пак воглавно љубовта кон музиката, а и да се потрудиме максимално да си ја сочуваме и негуваме нашата македонска музика. Тоа го правиме со мојот брат Стефан, Бојан Маркоски и Христо Дејкоски, а секако дека ќе продолжиме.

InPress: Ти си дел и од градскиот хор „Vox Lychnidos“. Што значи за тебе да бидеш дел од овој состав со долгогодишна традиција и бројни успеси зад себе?
Чеменкоски: За мене членувањето во хорот значи успех, дефинитивно успех, затоа што може премногу да се научи, од излегување на настапи па сé до делот каде што се развиваме музички.
InPress: Кој настап со хорот ти оставил најсилен впечаток?
Чеменкоски: Мене секој настап ми е совршен и сум посветен 100% за да биде сé како што треба. Но, еве ајде ако мора да изберам, тоа би било дефинитивно изведбата на концертното, вокално-инструментално дело „Вооружениот човек – Миса за мир“ од Карл Џенкинс, во склоп на одбраната на магистерската програма на нашиот диригент на хорот Бурим Хидри, навистина беше дело за почит.

InPress: Дали хорското пеење ти помогна да се изградиш како соло изведувач?
Чеменкоски: Како што кажав веќе помага да се развиеме музчики, а и воглавно со секое излегување на настапи, концерти, независно дома или во странство, помага на секој можен начин.
InPress: Периодов се подготвуваш за твојот матурски концерт. Што можеме да очекуваме, што ќе изведеш, ќе имаш ли гости?
Чеменкоски: Е да, на 7 мај е мојот матурски концерт, што ќе се одржи во црквата Св. Софија во Охрид, со почеток во 19:00 часот. Гости ќе бидат мојот брат на кларинет, две девојки кои ќе пеат заедно со мене односно ќе пееме трио, градскиот мешан хор Vox Lychnidos, а за програмата ќе оставам само да дојдете и да уживате во секој момент. Ќе се пее класична музика.

InPress: Што освен музиката е твој интерес?
Чеменкоски: Па воглавно уметноста. Јас сакам да бидам уметник, па и затоа еве Бог ми дава да можам да создавам и своја музика, да правам интересни видео спотови благодарение на Даниел Јовески кој ја оцрта „Оди мила“ како комплетна приказна.
InPress: Кои се плановите на Ѓоко по матурирањето, на личен и професионален план?
Чеменкоски: Во иднина планирам да студирам на музичка академија во Скопје исто соло пеење и секако да правам уште многу нови песни и проекти. (Крај)
извор: ИнПрес фото: Ѓоко Чеменкоски/ИнПрес
