Скопје/Охрид, 27. ноември 2025 (ИНПРЕС) – Директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски, во гостување во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 истакна дека Охрид е градот со најголем распон на цени на недвижности во државата.
Според него, новиот полугодишен извештај ќе даде појасна слика, но веќе сега трендовите се јасни.
– Охрид, по мене, е градот со најголеми разлики во цените. Таму можете да најдете станови од 1.300 евра по квадрат, но кај новите згради цената достигнува и до 3.000 евра, рече Живковски.
Тој додаде дека ваков широк опсег на цени нема во ниту еден друг град во земјава, вклучително и Скопје.
– Тоа е сериозна рамка на продажба. Таква варијација има само во Охрид. Во Скопје нема толку големи разлики, посочи тој.
Според Катастар, новоградбите во Охрид значително ја креваат горната граница на цените, додека старите објекти ја задржуваат пониската вредност. Очекувањата се дека новиот извештај ќе го потврди овој тренд на раст и изразена ценовна нееднаквост на охридскиот пазар. (Крај)
извор: ТВ 21 фото: ИнПрес







