Охрид, 5. август 2025 (ОХРИДПРЕС) – Наскоро започнуваат уписите во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во академската 2025/2026 година, во охридските високообразовни установи има место за вкупно 550 бруцоши.
На Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) може да се запишат 256 студенти во прва година.
Редовни студенти во државна квота, со партиципација од 200 евра ќе може да се запишат вкупно 104, редовни со кофинансирање од 400 евра – 94, а има место и за 58 вонредни студенти, со партиципација од 400 евра.
Идните академски граѓани може да избираат меѓу студиските програми за туризам, каде има 50 слободни места, осигурување и менаџмен со ризик 35, царина и шпедиција 50, за менаџмент во услужен сектор предвидени се 50 места, на гастрономија 15, а на хотелско-ресторански менаџмет може да се запишат 30 средношколци.
И оваа академска година ќе бидат активни студиските програми на англиски јазик, на насоките туризам и царина и шпедиција, а ќе може да се запишат 10, односно 16 студенти.
Пријавувањето во првиот уписен рок на овој факултет е од 19-ти до 22-ри и од 25-ти до 27-ми август, вториот е на 15-ти и 16-ти септември и третиот на 24-ти септември 2025 година.
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има места за 294 бруцоши. Од нив 130 се за во државна квота, 90 со кофинансирање на студиите и 74 за вонредни студенти.
По 65 бруцоши ќе може да се запишат на факултетите за компјутерски науки и инженерство и за информатички системи, визуелизација, дигитална, мултимедијална и анимациска техника, по 60 за комуникациски мрежи и безбедност и за информатички и комуникациски науки. На факултетот за применети информатички технологии, машинска интелегенција и роботика има 44 слободни места.
На Универзитетот пријавувањето во првиот уписен рок е на 25-ти и 26-ти август, вториот е на 15-ти и 16-ти септември и третиот на 29-ти септември 2025 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес







