Одлични резултати на охридските стрелци на четвртиот Куп во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма
November 25, 2025

Охрид, 25. ноември 2025 (ИНПРЕС) – Со одлични резултати се вратија стрелците од двата охридски клубови од четвртиот Куп во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма, а доминираа младите учесници.

На Купот учествуваа околу 60-на стрелци од сите клубови во државата во дисциплините воздушна пушка и пиштол 10м.

Во дисциплината воздушен пиштол јуниори најуспешен беше Иван Милевски од СК „Охрид“ со изедначен личен рекорд од 547 кругови. Тој воедно беше поуспешен и од стрелците на пиштол во сениорска категорија каде највисокиот резултат беше 544 кругови. На вицешампионската позиција кај јуниорите се пласира Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со 542 кругови, а на третата позиција Никола Тодороски од СК „Охрид“ со 529  кругови.

Кај сениорите на пиштол нема пласман во најдобрите три, бидејќи учеството го откажаа Даниел Михајловиќ и Светлан Седмаков, додека Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 6-та позиција со резултат од 518 кругови.

Кај јуниорките на пиштол повторно камбек на Стефани Савеска која по подолга пауза од неколку месеци поради повреда успешно се враќа на стрелачките терени. Со резултат од 534 таа ја зазеде вицешампионската позиција, додека нејзината клупска другарка Наталија Савеска се пласира  на четвртата позиција. Веднаш зад неа се пласираа Милица Кочовска и Стефанија Кочовска на 5-та, односно 6-та позиција. Младата Ана Мостро се пласира на 9-та позиција во истата дисциплина.

Кај сениорките на пушка Ива Маленко од СК „Охрид“ со резултат од 603.9 круга се пласира на третата позиција, додека пак јуниорките во истата дисциплина Теодора Спироска од СК „Охрид“ се пласира на 5-та позиција со резултат од 592,6 круга. Тамара Кичеец пак од ЖСК „Лихнидос“ заврши како 8-мо пласирана. Кај јуниорите на пушка значителен резултатски пад поради работни обврски  во изминативе неколку месеци бележи Кристијан Балоски од СК „Охрид“ кој со резултат од 587,5 кругови се пласира на 6-та позиција. Камбек  за младиот Јован Баулоски од СК „Охрид“ кој по пауза од неколку месеци заради повреда на раката  мораше да апстинира од тренинзите, па со резултат од 539,7 кругови се пласира на 12-та позиција.

Стрелачките клубови од Охрид изразија голема благодарност до организаторот – МССФ и претседателот Јордан Тасевски, судиите и клубовите за безпрекорно и фер организиран натпревар.

Следната недела двајца претставници од охридските клубови влегуваат во состав на  македонската репрезентација и ќе ги бранат боите на Република Македонија на најпознатиот, единаесетти по ред, Walther Youth Cup во Смедерево, Србија, што воедно се смета како младинско европско првенство бидејќи учествува елитата во спортското стрелаштво од многу европски земји. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива