Општина Охрид поднесе 7 апликации на владиниот Јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти, до 30-ти април ќе поднесат уште неколку
April 24, 2025

Охрид, 24. април 2025 (ИНПРЕС) – Општина Охрид досега има аплицирано со 7 проекти на вториот јавен повик на министерството за локална самоуправа за изразување на интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА, информираа за Супер радио и OhridPress од локалната самоуправа.

Потенцираат дека генерално се работи за инфраструктурни, но и капитални проекти. Додаваат дека имаат уште проекти со кои ќе аплицираат, а кои моментално се ревидираат и се прават предмер пресметки.

– Колку од нив ќе успееме комплетно да ги завршиме до крајниот рок, 30-ти април, со уште толку ќе аплицираме до ресорното министерство, велат од Општина Охрид.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински информира дека вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини заклучно со вчера се доставени до архивата на ресорното министерство за вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Потенцира дека 17 општини, меѓу кои и Општина Струга, воопшто немаат поднесено апликативни формулари.

Инаку, Општина Охрид на првиот објавен повик аплицираше со 10 проекти и сите беа одобрени. Сите се отпочнати со реализација, а некои веќе се во финална фаза. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес