Париз/Охрид, 10. јули 2025 (ИНПРЕС) – На 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, усвоен е амандман со кој се одложува впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност. Одложувањето е условено со низа обврски за кои државата треба да достави извештај до 1 февруари 2026 година.
Ова се случи откако Владата ги задолжи сите членови на македонската делегација во Париз заеднички да поднесат амандман за повлекување на Нацрт-одлуката на Комитетот, со која се предлагаше регионот да биде ставен на листата на загрозени богатства.
Комитетот требаше по третпат да гласа за статусот на Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство.
Во првичната нацрт-одлука на Комитетот, од Македонија се бараше итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги запре сите градежни активности во околината на блатото и кај хотелскиот комплекс „Горица“, како и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да биде во согласност со меѓународните стандарди.
Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство во 1979 година. Во 2019, ова подрачје беше проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, со што стана меѓудржавно светско наследство. (Крај)
извор: Сакам да кажам фото: ИнПрес







