Охрид, 8. април 2025 (ИНПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос“ премиерно го изведе концертното вокално – инструментално дело „Вооружениот човек – Миса за мир“ од Карл Џенкинс, еден од најпопуларните, најизведуваните и најзначајните современи композитори.
Во уникатниот амбиент на црквата „Св.Софија“ хористите од охридскиот хор, како и од хорот „Про Арс“ од Скопје, во придружба на охридскиот камерен оркестар и солистите Стефани Дудиќ, Македонка Петреска, Дејан Симоски и Ѓоко Чеменкоски приредија уште една вечер за паметење.
Спојот на различните музички традиции и стиховите од многу делови на светот за да се покаже мултикултурализмот како мост за мир во светот звучеше моќно, искрено, еуфорично, но во исто време и емотивно што беше потврдено со долгиот аплауз и насолзените очи кај публиката.
Со ова дело диригентот Бурим Хидри успешно го одбрани магистерскиот испит од Втор циклус студии на Факултетот за музичка уметност, на студиската програма композиција и диригирање, насока хорско диригирање, под менторство на професорот Сашо Татарчевски
Инаку, хористите периодов продолжуваат со редовните проби, се подготвуваат за организација на седмиот Меѓународен хорски фестивал „Гласот на Охрид“, како и за настапите на неколку хорски фестивали во и надвор од државата. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес