Промовиран видео записот за „Без да кажеш збор“ – новиот сингл на Мартинијан Кириловски
October 27, 2025

Скопје, 27. октомври 2025 (ИНПРЕС) – По својот впечатлив настап на фестивалот „Макфест“, каде публиката првпат ја слушна „Без да кажеш збор“, Мартинијан Кириловски го претстави и видео записот за песната која веднаш го освои вниманието на јавноста.

Ова е композиција со која Мартинијан го потврдува својот автентичен израз и зрелоста што ретко се среќава кај млади изведувачи, комбинација на современ звук, емоционална длабочина и беспрекорна интерпретација.

Песната е целосно авторско дело на Илија Ќосевски, носи брз и динамичен ритам, но зад енергичниот пулс се крие приказна што говори за најнежната форма на љубов, онаа што не бара зборови.

– Сакав да покажам дека и во брз ритам може да се раскаже нешто што се чувствува, не само што се пее. Понекогаш токму тишината зборува најмногу. Оваа песна е за тој миг кога не ти треба ништо освен нечиј поглед за да знаеш сè – вели Мартинијан.

Видеото е снимено во ProLight Studio во Скопје, под режисерска палка на Томислав Живковиќ.

Самиот Мартинијан ја изведува песната со сигурност и емоција што потсетува на искуство далеку поголемо од неговите години. Со секоја нова изведба, тој покажува дека не го следи трендот, туку го создава својот сопствен пат, пат што води кон квалитет, искреност и уметничка вистина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива