Славески: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава со конкретни придобивки за сегашните и идните генерации
October 28, 2025

Охрид, 28. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка, истакна гувернерот на Народна банка на Македонија, Трајко Славески, на отворењето на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура што се одржува во Охрид.

– Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации, нагласи гувернерот.

Тој потсети дека на 7-ми октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.

Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

– Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот, рече гувернерот.

Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.

На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.

– Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата, порача Славески.

Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот. (Крај)

извор: НБРМ фото: архива