Таравари: 10 пациенти ќе бидат пуштени од болница, во 99% лекувањето во странство е бесплатно
March 21, 2025

Скопје, 21. март 2025 (ИНПРЕС) – 162 пациени повредени при пожарот во дискотеката „Пулс“ се на лекување во домашните клиники, а денес од болница ќе бидат пуштени 10 пациенти, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.

– Вчера имаше три пациенти што ги испишавме. Моментално во Клинички центар лежат 25 пациенти, во „8 септември“ се 12, во Градска општа болница 11 и во Штип 1 пациент. Исписи имаме еден пациент од Штип, еден од Детска хирургија, три ќе се испишат од Торакална хирургија. Во Систина и Жан Митрев се лекуваат 10 пациенти, од нив 5 денеска се испишуваат, додаде Таравари.

Во странство, вкупно на лекување се 115 пациенти. Освен еден пациент сметен во Турција и кој е во многу критична состојба, другите се во сериозна, но стабилна состојба.

– Во Србија има 30, од кои двајца се екстубирани, во Бугарија 15, тројца екстубирани, во Грција има 12 од кои двајца се критични. Во Турција има 12 пациенти. Во Шпанија се 7 пациенти, во Австрија пет пациенти, во Унгарија се 6, Хрватска 5, Словенија се примени четири пациенти од кои тројца во посериозна состојба. Литванија се 4 пациенти, Белгија 4, Италија 4, Шведска 4 и во Полска се двајца, рече министерот.

Потенцира дека генерално, во 99% лекувањето на пациентите во странство е бесплатно, сигурни сме и нема потреба никој да собира пари.
– Дури како Влада обезбедивме и за по двајца родители или членови на семејство да патуваат и да плати Владата и плус сместување во сите држави. Ова е вистината. Нема потреба за шпекулации. Можеби во некоја држава, меѓутоа генерално 99% од лекувањето во сите болници е бесплатно, истакна Таравари.

Во текот на денот ќе има детали за токсиколошките анализи на пациентите што треба да бидат пуштени на домашно лекување. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива