Охрид, 22. јули 2025 (ИНПРЕС) – 11 капалишта на охридското и едно до две на струшкото крајбрежје имаат воспоставено безбедносни услови и критериуми за безбедно капење, спорт и рекреација со ангажирање на спасители на вода.
И оваа година Црвен крст Охрид излезе во пресрет на сите концесионери и стопанственици на капалишта што имаа потреба и побараа да бидат ангажирани спасителни служби, во насока на воспоставување услови за безбедно капалиште. Претседателот на општинската огранизација Сашо Точков во изјава за Супер радио и InPrees вели фактот дека на охридското крајбрежје имаме преку 35 капалишта, а на струшкото преку 15, повеќе од очигледно е дека не е доволен бројот на ангажирани спасители на капалишта.

– Влегуваме во шпицот на летната туристичка сезона, ние од 20-ти јули започнавме со обезбедувње на дел од капалиштата со спасители на вода, но од 1-ви јули веќе имаме 11 капалишта на охридското крајбрежје што имаат воспоставено безбедносни услови и критериуми за безбедно капење, спорт и рекреација и ангажирани се над 15 спасители на вода на овие капалишта. Во Струга до пред неколку дена имавме едно капалиште што беше обезбедено со спасител на вода и услови за капење, спорт и рекреација, вели Точков.
Додава дека бројката горе долу е иста како и изминатите 3-4 години, а на капалиштата имаат ангажирано и дополнителни парамедици поради бројот и потребата од интервенции за прва помош.
– Интересот за концесионерите е овој, тие што побараа ние обезбедивме, меѓу плажите на кои се ангажирани спасители се „Метропол“, „Градиште“ „Инекс“, „Куба Либре“, „Голден“, базенот во хотел „Белви“, на градскиот пливачки базен… Има доста настани што се одвиваат на вода , па дел од нашите ресурси се и таму насочени, рече Точков.
Спасителите на охридскиот Црвен крст, ангажирани на охридските капалишта досега имале над 70 интервенции на укажување на прва помош на овие капалишта и 9 интервенции на успешно извлекување на давеници од водите на Охридското Езеро.
Точков потенцира дека години наназад во делот каде е обележана водената зона на капење и каде има спасители на вода не е случен ниту еден фатален инцидент. Секое лето во просек имаат над 20 интервенции на извлекување давеници и над 1000 на укажување на прва помош.
Покрај на капалиштата, тимови на Црвениот крст се активни и ангажирани на бројните културни и забавни настани и на дел од концертите што се случуваат во Охрид, каде има совесни, свесни и одговорни организатори, грижејќи се за безбедноста на присутните, а секако ќе излегуваат во пресрет и за претстојните настани што ќе се случуваат. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
