Охрид, 25. декември 2025 (ИНПРЕС) – Денеска по православниот календар е Свети Спиридон Чудотворец, ден на кондураџиите, но традицијата за масовно одбележување на овој празник долги години веќе ја нема.
Порано имало многу кондураџии и масовно го славеле Св.Спиридон, со бројни обреди и избор на кум, нешто што веќе го нема. Во Охрид има само четворица кондураџии од кои само јас сум православен христијанин, вели за Супер радио и InPress кондураџијата и в.д претседател на Занаетчиската комора на Македонија, Сашо Богоески.

– Овој ден се слави и како ден на комората, годинава без никакви активности. Во однос на кондураџиите нема никаква прослава инаку порано имало, посебно се славел овој ден, имало обреди, кум, сите оние црковни работи што се правиле на Свети Спиридон, кондураџиите ги правеле и не работеле. Е сега, со тек на време, од сите тие кондураџии, православен останав само јас. Порано имало 20-30 кондураџии, потенцира Богоески.
Во Охрид моментално има околу 200 занаетчии и околу 150 кои се вршители на занаетчиска дејност, тоа се правни субјекти, регистрирани како ДООЕЛ, што по сила на закон мора да бидат членови на комората. Загрижува фактот што последниве години значително се намалени регистрациите на нови занаетчии, а за кондураџискиот слободно може да се каже дека е занает што изумира. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива







