Skip to content
Inpress

Inpress

Брзо, Точно, Проверено

  • Дома
  • ВЕСТИ
    • Култура
    • Репортажа
  • СВЕТ
    • Балкан
    • Македонија
    • Охрид
    • Струга
  • ХРОНИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЛОКАЛНА САМОУПРАВА
  • СПОРТ
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • Home
  • Вести
  • Велики Понеделник: Првиот ден од Страстната седмица

Велики Понеделник: Првиот ден од Страстната седмица

1 min read
Велики Понеделник: Првиот ден од Страстната седмица

Охрид, 6. април 2026 (ИНПРЕС) – Денеска е Велики Понеделник, првиот ден на Страстната седмица.

Во него, Црквата се потсетува на последните денови на Христос во Ерусалим, неговото влегување во Храмот и растерувањето на трговците од него, бидејќи тоа е место за молитва, а не пазар. Христос на Своите ученици во повеќе наврати им зборува за Своето страдење кое Му претстои, како и крајот на времињата и Страшниот Суд.

На Велики Понеделник Црквата говори и за Неговата беседа во Храмот, за злобните лозари, како и проколнувањето на бесплодната смоква, која го претставува јудејскиот собор, (во кој Исус Христос не нашол вистински плод, туку само лицемерна сенка на законот), но и човечката душа која не ја познава молитвата, покајанието, и која не носи духовни плодови. На овој ден, Црквата го споменува и старозаветниот патријарх, целомудрениот Јосиф Прекрасен, кој поради зависта на своите браќа бива продаден во Египет; на тој начин, овој старозаветен патријарх е праобраз на безгрешното страдание на нашиот Спасител. Христос, како и Јосиф, станува жртва на зависта на Неговите браќа по крв и вера, и на ист начин е предаден и продаден. На крај, Јосиф завладејува со Египет, и ги храни своите браќа со леб, исто како што и Христос седнува на Својот Престол на мирот и нѐ храни сите нас со небесниот Леб, со Своето Тело и Својата Крв.

Обичаи

На Велики Понеделник, како и на Велики Вторник и Велика Среда се извршува чинот мироварение. Тоа е определеното време кога се подготвува и деноноќно се вари мирото, кое содржи над 40 разновидни миризливи состојки како дар од богосоздадената природа. Се вари без застој, дење и ноќе, а во текот на варењето непрестајно се чита Евангелие. Така подготвеното миро се осветува и се добива светото миро, за миропомазување и за осветување.

Преубави и вдахновени се црковните песни што се пеат на богослужбите во Страстната седмица. Тие ги галат нашите души. Ги издигаат до небесните убавини и до рајските радости. Тоа се доживува само тогаш, во овие дни. Затоа верниците ги посетуваат богослужбите, особено попладневните богослуженија на Велики Четврток и Велики Петок, а задолжително за секој христијанин е пречекот на Велигден, во саботата ноќта. Посебно се забележливи и длабоко содржајни побожните, црковно-народни обичаи и обреди во овие денови. Тие се изразито присутни и в црква, започнувајќи од Велики Четврток, од првото вапцување велигденски јајца. Преку богослужбите, обредите и обичаите, во душите на верниците, се пренесуваат настаните кои се случиле во последните денови од земниот живот на Христа Спасителот. Со љубов и со побожност се следи секој евангелски збор и, чекор по чекор, преку верата и духовното расположение, сè нè внесува во спасоносните настани.

Во овие денови верниците стануваат сопатници Христови. Во тие дни ние одиме по стапките Господови и по Неговиот пат до Крстот, патуваме од Витанија до Черепница (Голгота), од Неговото царско влегување во Ерусалим, до Неговите искупителни страдања на Крстот, а потоа и до светлото торжество на Воскресението. Оваа седмица се особено долги богослуженијата и голема е нивната важност, како и на настаните од тие дни. Тие ни ги насочуваат нашето внимание и нашите мисли кон сите евангелски глетки од пожртвованоста Христова за човечкиот род. Во текот на целата Страстна седмица, освен на Литургијата на Велики Четврток и Сабота, свештениците се облечени во црни одежди.

Оваа седмица не се прават панихиди, помени и акатисти, заради посветеноста на целото внимание и молитва кон големите настани. Во овие денови на Страдалната седмица, на трпезата, за храна се употребуваат само суви јадења. „И со тоа да бидеме задоволни“, вели правилото од Посниот триод. Тоа е утврдено и на Шестиот Вселенски собор. Постот трае сè до полноќта на Велика Сабота, односно до завршувањето на велигденската света Литургија. Душеполезно е читањето на поучни текстови за овие празници. Тие се полни со библиски содржини и со нивно разјаснување и толкување. Тоа нè пренесува во Евангелието и нè води во дружба со Господа. Тогаш, не мислиме на ништо друго, туку ги созерцаваме Христовите страданија и Неговата богоспасителна дејност за нас. Ние сме со Бога и Бог е со нас. Таквото читање е богослужение. Тоа е еднакво на богослужение, тоа е нашето лично богослужение. Тоа ќе нè одведе и на богослужението в црква. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

Post navigation

Previous На 8 април ќе се одржи регионалниот натпревар „Млади библиотекари“
Next Расчистени диви депонии во Трпејца, подигнати 20 м³ отпад

Слични вести

Здравје: Тренер советува како да уживате во скарата без да се здебелите Здравје: Тренер советува како да уживате во скарата без да се здебелите
1 min read

Здравје: Тренер советува како да уживате во скарата без да се здебелите

Нивото на Охридското Езеро во рамки на априлскиот просек Нивото на Охридското Езеро во рамки на априлскиот просек
1 min read

Нивото на Охридското Езеро во рамки на априлскиот просек

Жителите на дел од населбата Рача неколку часа без вода Жителите на дел од населбата Рача неколку часа без вода

Жителите на дел од населбата Рача неколку часа без вода

Copyright © All rights reserved. | DarkNews by AF themes.