Дацешин: Охрид е поубав отколку што го сонував
August 10, 2023

Охрид, 10. август 2023 (ИНПРЕС) – Да бидам искрен, имав малку страв пред да дојдам овде, затоа што толку многу го идеализирав во своите очи, но на крајот излезе дека е уште поубав отколку што сонував. Вака светскиот патник, авантурист од Бања Лука, Роберт Дачешин ги сумира впечатоците од четридневната посета на Охрид.

Долго време слушал за Охрид, а по престојот тука потенцира дека без дилема, е еден од најубавите градови на Балканот.

– Кога би знаеле колку долго сонував да дојдам овде и да уживам во овој поглед, прошетка по улиците и истражување на стотици години стара историја на ова место, како и да ги посетам верските објекти, вели Дачешин.

Препорачува кога сте во Охрид задолжително со брод да се посети манастирот „Св.Наум“, изворите на реката Црн Дрим и Заливот на коските, како и плажите.

Покрај Охрид, посетил уште неколку места во Македонија додава дека земјава е сосема сигурно скриен бисер на Европа и место каде ќе ги запознаете некои од најдобрите луѓе во својот живот.

– Во изминатите седум дена имав можност за прв пат да ја посетам Македонија, мојата 93-та земја досега, но и една од оние посебни земји во кои веднаш се заљубувате. Да бидам искрен, не сум сигурен што ми се допадна повеќе овде, природата, луѓето, храната или историјата, бидејќи сè е толку автентично и навистина уникатно, додава Дачешин.

Наскоро на неговиот канал на YouTube ќе бидат достапни документарни видеа од неговата посета на Охрид и Македонија.

Инаку, тој неодамна ги избра најубавите места во поранешна Југославија, меѓу кои на второ место го издвои токму Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива