Охрид, 24. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ испрати трето официјално барање, покрај многубројните неофицијални, до градоначалникот на Општина Охрид за расчистување на депонијата покрај улицата „Марко Цепенков”, во кругот на Општата болница.
– Општината има законска обврска за мапирање, расчистување и превенирање на сите диви депонии на нејзината територија. Постапувањето според оваа обврска во случај кога ѓубриштето се наоѓа на приватен имот е отежнато и според досегашното наше искуство скоро невозможно. Законот за управување со отпад го уредува ова многу прецизно и јасно во член 38. Градоначалникот на општината има обврска да издаде правен акт за расчистување на ѓубриштата на приватен имот според којшто се задолжува претпријатието одговорно за чистење, велат од „Збогум Буково“.
Изразија надеж дека општината ќе воспостави функционален систем според Законот за ефикасно и успешно чистење на ваквите ѓубришта на нејзината територија, што претставуваат ризик по здравјето на граѓаните и целиот останат жив свет, а дополнително придонесува за лош имиџ на градот Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
