July 12, 2023

Охрид, 12. јули 2023 (ИНПРЕС) – Изворите Свети Наум во центарот на вниманието на домашната и светска научна јавност: откриени се два нови видови полжави.

Ова фасцинантно, научно откритие повторно ја потврдува и  изнесува на виделина извонредната биолошка разновидност со која се одликува овој уникатен еко систем, вели Константин Здравески, Соработник за алтернативни активности и проектен лидер- ЈУНП Галичица.

Првиот од двата новооткрени видови полжави е именуван како Ancylusnaumiensis n. sp., вид кој за прв пат беше забележан во 1996 како “Ancylus sp. D“, но не беше потврдена неговата посебност и карактеристики на нов вид, заради недостиг на морфолошко-таксономски податоци.

Можно е да е слика од текст кој вели „1 mm A B“

– Уште поголемо е значењето и откритието за вторио твид- Ohridonaumiatrajanovski n. sp кој е целосно новоопишан, и тоа не само како вид туку и како род кој за прв пат се спомнува за Изворите Свети Наум.  Уште еден куриозитет за овој вид, е неговата номенклатура, односно видот е именуван според Проф. Др. Сашо Трајановски (Ohridonaumiatrajanovski), еминентен и истакнат научен работник од Хидробиолошки институт Охрид, во чест на неговата две и пол децениска посветена заложба за заштита и промоција на Охридското Езеро и неговиот уникатен жив свет, истакна Здравески.

Додава дека описот и на двата вида, нивната ендемска природа  и посебност повторно покренуваат низа научно-интригантни прашања за нивната еволутивна генеза но и улога  во деликатната рамнотежа на овој воден рај.

– Истите ја потврдуваат посебноста на изворите како извонредна природна креација и ја потенцираат потребата од нивна итна, неодложна и долгорочна заштита, вели Здравески.

Сето ова укажува на фактот дека и покрај огромниот притисок врз изворите Св. Наум, сепак екосистемот има изградено оптимално ниво на отпорност и се уште се бори со негативните ефекти на влијанијата, но исто така претставува и посебно предупредување дека е крајно време да се воспостави ефикасна, ефективна и заштита во вистинска смисла на зборот на овој навистина уникатен екосистем со кој сите ние се гордееме.

Новите информации за постоењето на два нови видови и еден род на гастроподи (полжави) кои до сега не биле забележани и идентификувани во изворите кај Св Наум се најголемиот дострел на повеќегодишно истражување кое кулминираше со имплементацијата на проектот Извори Св. Наум – Биолошка и Инвенторизација на екосистемските услуги, финансиски поддржан од УНЕСКО Канцеларијата за образование и наука во Венеција и добротворната abrdn фондација.

Имплементатор на проектот е Јавната установа Национален Парк Галичица а идентификацијата на новите видови беше направена во соработка со Универзитетите во Белград, Подгорица и Лодз (Полска) и вклучуваа морфолошки и генетски испитувања. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива