Охрид кеј Македонија сонце Охридско Езеро
Охрид, 26. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Во осмата недела од 2026 година, во периодот од 16-ти до 22-ри февруари, во Република Македонија се пријавени 1.113 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, за 3,2% помалку во споредба со минатата недела се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од нив 621 лица се на возраст од 15-64 години, 143 лица на возраст над 65 години, 185 деца на возраст од 5-14 години и 164 на возраст од 0-4 години.
– Заболените лица оваа недела се регистрирани во Скопје – 669, Струмица – 81, Прилеп – 61, Тетово – 50, Гевгелија и Охрид – 37, а во Битола, Куманово, Дебар, Струга, Кичево, Штип, Кавадарци, Неготино, Пробиштип, Гостивар, Радовиш,Свети Николе, Велес, Кратово, Македонски Брод, бројот на заболени е помал од 30. Во Крушево, Валандово, Крива Паланка, Демир Хисар, Берово, Кочани, Ресен, Виница, Делчево и Пехчево нема пријавени заболени лица од грип и заболувања слични на грип, стои во извештајот.
Во Охрид изминативе месец и половина константно се намалува бројот на новозаболени и се бележи сезонска активност на вирусот на грип.
Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 14.984. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е намален за 13,3%. Најголем број заболени се евидентирани во јануари. Во текот на сезоната на грип, регистрирани се четири починати лица асоцирани со грип.
Од 16 октомври започна да се спроведува бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани, а интересот е голем. Досега на ниво на Република Македонија со бесплатна вакцина се имунизирани вкупно 77.279 лица од ризичните категории. Покрај тоа набавени се и 2.400 дози комерцијални вакцини за останатото население и досега се имунизирани 1.839 лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
