Болоња, 2. март 2023 (ИНПРЕС) – Дванаесет семејни винарии, меѓу кои и од Охрид, презентираше Слоу Фуд Македонија на винската сцена на „Slow Wine Fair 2023“ во Болоња.
Се презентираа винариите: „Наумчеви“, „Мал Св. Климент“, „Клинчаров“, „Цветановиќ“, „Ерос“, „Изворно“, „Јостела“,„Арабеска“, „Сарика“ „Иванов“,„Максимилијан“ и „Подрум Параџик“.
Сите моди поминуваат, само виното останува – коментираа дегустатори кои уживаа во македонскиот павиљон. Ги интересираа приказните за виното од југот, производителите, квалитетот, што е „Станушина“, каква е земјата што раѓа виолетово грозје. Индивидуално, ама сплотено, секој на свој начин, како амбасадори на земјата, винарите, вински, скоро витешки ги бранеа боите на Македонија. Привилегија беше да си Македонец на саемот за вино во Болоња, велат од Слоу Фуд Македонија.

– На годинешното, второто издание на Slow Wine Fair во Болоња- срцевина на знаење, студенти, архитектура и гурманскиот дух (неслучајно ја нарекуваат „Мрсна Болоња“) на „вински мегдан“ во дегустирањето на вината учествуваа- винољупци, ентузијасти, угостители, дистрибутери, сомелиери, професионалци, експерти во секторот, страсни љубители на божјиот пијалок… Нашата татковина во ова одбрано друштво неколкупати беше посочувана како винска земја од земјата на сонцето а голем интерес за македонските вина е резултат на автохтоноста на винските сорти и поволната клима. Големо „да“ за локално семејно вино, но со висок квалитет, додаваат од Слоу Фуд Македонија.
Нашите винари се едногласни во сознанието дека настанот во многу им помогнал да се споредат со другите, да ги одмерат „силите“, споредат вкусовите, некои од нив почнаа да размислуваат на тема- шампањ, да испланираат- чекор понатаму, и секако да уживаат во интеракција со дегустаторите. Патем, саемот за виното во Болоња беше првиот сериозен чекор кон винскиот туризам, промовирање на автохтоните сорти на грозје и на традиционалните и одржливите техники на производство.

– За да направиме револуција во винскиот свет, мора да започнеме од трите главни протагонисти: производителите – за да го поттикнеме растот на лозарството ориентирано кон животната средина, потоа- оние кои го продаваат виното, и оние кои го купуваат. Сè е насочено околу потрагата по автентична одржливост поткрепена со конкретни активности во нашата реалност. Овие предуслови се само појдовна точка, а патот напред е долг, резимираше на затварањето на Саемот Џанкарло Гариљо, координатор на Коалицијата за Slow Wine.
Во сите периоди од човековата историја виното има извесен степен на култ па затоа и го нарекуваат божествен пијалок за сите времиња. Ова време несомнено ја доживува винската ренесанса насочена кон локалните производители.
Настанот се реализира со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и поддршка на Слоу Фуд Интернационал, Болоња Фиере, Амбасадата на Македонија во Рим како и со логистичка поддршка na македонската заедница во регионот Емилија-Ромања. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива







