Скопје, 17. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Дури 35 отсто од вкупните дојави на Ало Бушавко телефонот во текот на изминатата година се резултат на нарушено ментално здравје на децата. Но, тоа е само еден од повеќето поразителни наоди од извештајот за работата на Ало Бушавко – телефонот за деца и млади 070 390 632 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши за 2022 година.
Претседателот и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши Драги Змијанац, на вчерашната презентација на извештајот, покрај овој, како втор голем проблем го посочи врсничкото насилство, кое, како што рече, е присутно до таа мера што некои родители планираат, поради тоа, да се отселат од своите сегашни средини. А сиромаштијата, која во извештајот како проблем е рангирана на третото место, и понатаму силно ги погодува децата и младите во земјава.
Според податоците што ги презентираше Клементина Добревска, психолог – координаторка на Ало Бушавко, телефонот за деца и млади во текот на минатата гoдина ѕвонел 357 пати.
– Во текот на 2022 година, заклучно со 27 декември, добиени се вкупно 357 дојави, со кои дополнително се остварени 619 разговори. Вкупниот број на деца и млади кои се опфатени со дојавите изнесува 450. И покрај тоа што бројот на деца кои нè контактирале не е голем, сепак споредено со минатите две години се забележуваат поголем број деца и млади кои директно нѐ контактираат – заклучи таа.
Потсетувајќи дека 2022 година ја обележаа повеќе немили настани, вклучително и трагичниот случај на изгубен живот на средношколец, Добревска констатира дека размерот во кој овој настан резонираше и ефектите што ги предизвика пред се меѓу децата и младите за жал ниту стручната јавност ниту пак надлежните структури не ги аморитизираа ниту се направија напори да се испитаат условите, можните чинители за повторна појава на слични случки за да може да се направат стратегии за превенција.
– Напротив, на овој стресен настан се надоврзаа најавите на поставени бомби во повеќе средни училишта низ градот, тренд кој за жал се до моментот на подготовка на овој извештај трае. Сето ова придонесува кон креирање голем број стресори за менталното здравје и зголемување на ранливоста на сите, но особено на децата и младите. Не случајно во таков општествен контекст, на прво место на проблеми или причини заради кои се јавиле на Ало Бушавко во изминатата година се последици врз нарушено ментално здравје на децата, дури 35% од вкупните дојави, а тоа значи дека секое трето дете има нарушено ментално здравје – изјави координаторката.
Меѓу причините за ваквата состојба, според неа, дополнително придонесуваат и нарушените родителски односи, бракоразводните постапки и несогласувањата меѓу родителите, проблемите кои се јавувааат при доделување старателство, како и исплаќање алиментација.
Податоците од извештајот покажуваат дека многу деца се во ризик од насилство особено од меѓуврсничко насилство со што се влијае на нивниот оптимален психофизички развој. Телесното казнување сè уште доминира како начин за воспитување на децата, покрај психолошката трага што тоа ја остава врз децата за цел живот.
Од Меѓаши на надлежните им упатија и редица препораки за подобрување на менталното здравје, безбедноста, јакнење на советдовната улога на центрите за социјална работа во делот на семејните односи и за поголемо доближување на Ало Бушавко телефонот до децата и младите.
Целиот текст ТУКА. (Крај)
извор: Слободен печат фото: архива