November 27, 2015

Гевгелија, 27. ноември 2015 (ИНПРЕС) – Стотици Мароканци, Алжирци и Пакистанци се обидоа насила да ја пробијат границата меѓу Македонија и Грција, уривајќи дел од жичената ограда на преминот.

Грчката полиција од другата страна стоеше со рацете во џеб, и покрај инцидентот, пишуваат медиумите.

Гневните мигранти фрлаа камења кон македонските полицајци на границата, викајќи „Сакаме во Германија!“ Тие успеаја да урнат околу 30-40 метри од оградата и неколкумина од нив насила претрчаа преку границата, но брзо беа фатени од македонската полиција, која е во полна опрема и вооружена со автоматско оружје.

Околу 1.500 мигранти се заглавени во близина на северниот пограничен грчки град Идомени откако Европа, а по неа и балканските земји, одлучија да ги селектираат мигрантите, дозволувајќи им да преминат само на оние што бегаат од конфликтот во Сирија, Авганистан и Ирак.

Незадоволни од новите ограничувања дел мигранти деновиве си ги зашиваат устите во знак на протест, штрајкуваат со глад, одбиваат да примат хуманитарна помош и порачуваат – „не се враќаме назад“. (Крај)

извор: Мкд.мк фото: архива