Нивото на Охридското Езеро само 6 сантиметри над минимално дозволената кота
February 17, 2025

Охрид, 17. февруари 2025 (ИНПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро деновиве и на само 6 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в).

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,16 м.н.в, што е за 23 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,39 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 8,5 степени и е за 2 степени повисока од просечната.

Трендот на речиси секојдневно намалување на нивото на водата во Охридското Езеро е забележливо од втората половина на јануари, а продолжи и во текот на овој месец.

Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.

Во Охрид денес променливо облачно време со повремени врнежи од дожд кои повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 8. степени.

– Од вторник ќе има постепено разведрување, а од среда времето ќе биде претежно сончево со ниски утрински температури, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР