April 18, 2015

Атина/Москва, 18. април 2015 (ИНПРЕС) – Русија планира да ѝ плати на Грција голем аванс од повеќе милијарди долари од идната добивка од работењето на гасоводот, кој ќе го пренесува рускиот гас преку Турција и Грција до остатокот од Јужна Европа, објави германското списание Шпигл.

Енергетскиот договор може да биде потпишан уште во вторник следната недела, се вели во написот, во кој се цитира висок извор во грчката влада. Наведените бројки се движат од 3 до 5 милијарди долари.

Тоа било детално разговарано во текот на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Москва минатата недела, вели Шпигл. Претходно грчки и руски официјални лица изјавија дека потпишувањето на енергетскиот договор со кој Грција би се приклучила на проектот за Турскиот тек е прашање на денови, но не беа дадени и точниот датум и конкретни услови.

Парите од Русија, кои Грција ќе треба да ги врати по профункционирањето на гасоводот некаде во 2019 година, ќе ѝ помогнат на земјата да се справи со заканувачкиот национален банкрот.

Новата грчка влада е во мачни преговори со Германија и со Меѓународниот монетарен фонд да обезбеди дополнителни кредити за да ѝ се помогне на нејзината економија. (Крај)

извор: МКД.мк фото: архива