Скопје, 15. април 2026 (ИНПРЕС) – По успешниот камбек кон крајот на 2025 година, што го најавија со темата „Каде ти, таму јас“, поп-рок дуото „Коктел“ сега има нова песна насловена „Само ти“.
Стевче Грозданов и Блаже Темелков, добро познатите музички имиња на македонската музичка јавност враќањето на сцената го зачинија со тема која јасно го детерминира нивниот стил. Задржувајќи ја истата линија на стилот кој решиле да го негуваат или поточно продолжат уште откако започнаа пред 30 години, „Коктел“ и натаму ја покажуваат својата музичка автентичност на свој сопствен начин по рецептура која отсекогаш била едеиница мерка за успех: хитовски ориентирана песна, со едноставен ритам, лесно певлив рефрен кој на прва влегува во уво и виртоузна гитарска бравура.
Поп рок парче, налик на оние стари добри екс – ЈУ хитови кои повозрасните ги потсетуваат на нивнита најубави младешки години. Песната е визуелизирана со едноставно, но симпатично видео кое делува мошне искрено и на моменти толку романтично, особено ако се знае дека во него е за првпат заедно, но само во музички видеоспот, најпознатата македонска модно-брачна двојка, Светлана и Мики Црнокрак.
Музиката и стиховите се авторско дело на пејачот Блаже Темелков, аранжманот на Стевче Грозданов, кој го потпишува и видеоспотот, додека миксот и мастерингот ги изработил Горан Гешовски. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
