Скопје/Истанбул, 12. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Утврдени се приоритетите за инвестицијата од 45 милиони евра во Македонија на ТАВ согласно концесискиот договор за македонските аеродроми, на денешната средба на македонскиот премиер Зоран Заев со претставници на Групацијата ТАВ, главниот менаџер, Мустафа Сани Шенер, заменик менаџерот Серкан Каптан и генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој.
Парите ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните на нашата држава, соопшти по средбата владината прес-служба.
– Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани. И јас сум искрено задоволен што од оваа инвестиција директна полза ќе почувствуваат граѓаните на Република Македонија, изајви на средбата премиерот Заев.
Претставниците на ТАВ изјавија дека ќе го реализираат договореното.
Заев ја искажа и определбата за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
Премиерот и делегацијата од Македонија по средбата со претставниците од ТАВ го посетија Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, каде што положија венец и се потпиша во Спомен книгата.
Следуваат средбите со владино-државниот врв во рамки на официјалната посета на премиерот Зоран Заев на Република Турција. (Крај)
извор: Плусинфо фото: архива