September 26, 2015

Будимпешта, 26.септември 2015 (ИНПРЕС) – Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец изјави во петокот дека Унгарија од границата со Словенија веќе ја повлекува оградата и бодликавата жица којашто започна да ја поставува во четвртокот, како и дека тоа е резултат од состанокот кој во четвртокот во Будимпешта со претставниците на унгарските власти го имала словенечката амбасадорка во оваа земја.

-Унгарија ќе ја повлече бодликавата жица од границата, многу сме задоволни и очигледно е дека нашите дипломатски напори беа успешни, изјави шефот на словенечката дипломатија Карл Ерјавец за словенечката државна телевизија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно во петокот на прес-конференцијата во австриската престолнина Виена о средбата со австрискиот канцелар Вернер Фајман го коментираше и незадоволството на Словенија од поставувањето на оградата и засиленото присуство на војска и полиција по должина на унгарско-словенечката граница, велејќи дека оградата е поставена само во случај на наидување на поголем број имигранти и дека кон Словенија нема да бидат поставени бариери како кон Србија и кон Хрватска, бидејќи Словенија е во Шенгенскиот простор.

-Оградата којашто е поставена кон Словенија е мобилна и може да биде демонтирана во рок од ден-два, рече Орбан.(Крај)

извор:Макфакс фото:архива