Охрид, 20. мај 2024 (ИНПРЕС) – Во Охрид првите контури на противпожарно делување датираат уште од 1886 година, кога се создадени маалски организации во реонот Варош, во црквите Св. Никола Геракомија, подоцна Св.Климент и Св. Богородица Каменско.
Во овој период се создава интерес за набавка на опрема со што од народот се собрани финансиски средства за да се набават пумпи. Со првите средства набавена е пумпа од австриско производство, околу 60 метри црева и една млазница. Набавката на оваа пумпа, по кажувањата на поп Наум Маленко, датира од 1904 година.
Првото доброволно друштво во Охрид е формирано во 1933 година предводено од доктор Башчанџија. Од 1937 година издејствува и патничко возило шевролет да се пренамени во противпожарна. Во 1938 друштвото добива и униформи за поактивните членови.
По ослободувањето на Охрид друштвото продолжува со работа и во тој период се формирани и други доброволно друштва во Велгошти Пештани и Љубаништа во 1948 година и подоцна во селата Веластво Рамне Трпејца, Коњско, Елшани и други.
Противпожарниот дом во кој и денес е сместана Територијалната противпожарна единица е започнат со градење во 1953 година, а пуштен е во функција во 1958 година.(Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес