Охрид, 14. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е над просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења нивото е на кота од 693,45 м.н.в што е за 10 сантиметри над просечното ниво за овој месец (693,35 м.н.в) и 35 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 6 степени и е за 0,8 степени пониска од просечната.
Периодов наназад значително е подобрена хидролошката состојаба на Охридското Езеро, а за тоа придонесоа периодите со обилни врнежи од дожд. И додека годинава езерскиот водостој е во плус, лани во овој период бил во длабок минус. Во првата половина од јануари езерото било на кота од 693,21 м.н.в, односно на 14 сантиметри под просекот.

Водостој на Охридско Езеро во јануари 2025 година
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен ветер од западен и северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 6 степени.
– До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
