Во Струга поднесени три независни кандидатури за градоначалник и една за советничка листа
September 1, 2025

Струга, 1. септември 2025 (ИНПРЕС) – До подрачното одделение на Државната изборна комисија во Струга поднесени се три независни кандидатури за градоначалник и една за советничка листа, информира за Супер радио и InPress претседателката Арбена Дика.

Имиња не се откриваат, но се претпоставува дека меѓу официјално пријавените се наоѓаат дел од оние кои изминатиов период најавија кандидатури за прв човек на градот, како на терен со граѓаните, така и на социјалните мрежи.

Уште во јуни биснисменот Менди Ќура ја формализира својата кандидатура за независен градоначалник на Општина Струга, а еден месец по него најава стигна и од адвокатот Бесник Асани. Аспирации за првата градска фотелја во Струга преку социјалните мрежи покажа и Роберт Милески кој вели дека има нова визија за Струга, а ги повика и граѓаните со пополнување формулар да бидат дел од независната советничка листа. Под мотото „Заедно за Струга“ како кандидат на Алијанса за Албанците на Села е урологот Арсим Далипи.

Струга ја очекуваат интересни и неизвесни денови. Состојбата во градот е далеку од охрабрувачка и ќе треба многу мудрост, но и сериозни луѓе за да може да се започнат процеси и да се искорени огромното влијание кое бизнис и криминогеното тело го има во носењето на одлуките, почитувањето и особено непочитувањето на законите во овој град, што се покажа клучно во многу случаи долги години наназад. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива